May 18, 2026

Се зголемува бројот на деца со анксиозност – на СОС линијата се пријавени 284 деца

Во 2025 година е зголемен бројот на деца кои пријавиле самоубиствени мисли или обиди за самоубиство, информираат од Првата детска амбасада „Меѓаши“. Мила Дамјановска, операторка на линијата „Ало Бушавко“, изјави дека годишниот извештај за функционирањето на СОС линијата покажува дека од 284 пријави примени во текот на годината, најголемиот дел биле поврзани со менталното здравје. Според неа, 83 деца и млади се пожалиле на состојби поврзани со менталното здравје.

„Добивме повеќе повици од урбаните средини, а исто така секогаш имавме деца од ранливи групи на кои им понудивме поддршка, од кои 12 се деца припадници на етничко расно малцинство, 6 се деца со попреченост и 3 се ЛГБТ.“, порача Мила Дамјановска.

Изабела Ивановска, исто така операторка на линијата, раскажа случај кога едно девојче ја пријавило својата другарка на линијата „Ало Бушавко“, со цел да ѝ се помогне и да се спречи самоубиство. Од Детската амбасада „Меѓаши“ ѝ побарале случајот да го пријави кај родителите или училишните власти. Сепак, девојчето подоцна повторно се јавило, информирајќи дека мајката не ѝ дава никаква поддршка и барајќи нејзината другарка повеќе да не се вмешува во случајот.

„Од страна на Меѓаши беше преземен и изготвен интервентен план, при што случајот веднаш беше пријавен во полиција и тие интервенираа на терен и успеаја да го спасат животот.“, вели Изабела Ивановска.

Психологот Јорданка Черепналкова Трајкоска изјави дека дигиталното насилство треба да се третира подеднакво како и физичкото насилство, додавајќи дека треба да се зголеми соработката меѓу училиштата, центрите за социјална работа и органите на редот.

„Стручните служби треба да се ослободат од административните обврски и да се посветат на она што се нарекува стручна служба, на поддршка на децата, на поддршка на кадарот, со цел заеднички да обезбедат безбедна средина.“, вели Јорданка Черепналкова Трајкоска.

Инаку, според возраста, најпогодени биле децата на возраст од 10 до 12 години (38 деца), потоа оние од 13 до 15 години (33 деца) и од 7 до 9 години (27 деца).

Read Previous

Цела недела променливо облачно време, за викендот невреме

Read Next

Македонија ќе биде домаќин на состанокот „Брдо-Бриони“ во октомври