Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамките на работната посета на Хрватска оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман.
Како што се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, оваа средба претставува потврда на интензивниот политички дијалог и конструктивната соработка што двете земји ја негуваат повеќе од три децении, а се реализира во пресрет на потпишувањето на меѓувладиниот Договор за стратегиска соработка, кој се темели врз европските вредности, континуирано градената доверба и заемното почитување.
На линија на искажаното задоволство од позитивниот тренд во развојот на билатералните односи, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредувањето на економската соработка, модалитетите за продлабочување на трговската размена, како и проширувањето на соработката во повеќе области, се вели во соопштението.
Наедно, од македонска страна беше реафирмирана благодарноста за хрватските ставови околу неопходноста од продолжување на процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, а беше изразена и нашата подготвеност за користење на хрватското искуство на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Министрите се согласија дека одржувањето на зајакната координација како сојузници во рамките на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, кој се покажува како ефективен механизам за усогласување на ставовите, зајакнување на меѓусебното разбирање и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатлантската безбедност, при што беше акцентирано дека двете држави остануваат посветени на почитувањето на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелни теми од меѓународните односи, регионалните случувања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Во изјавата за медиумите министерот Муцунски истакна дека Хрватска Северна Македонија ги поврзуваат блиски односи, доверба, сојузништво во рамките на НАТО и заедничка европска визија за регионот, при што уште еднаш беа потврдени традиционално добрите односи, засновани врз меѓусебна почит, отворен дијалог и конкретна соработка.
Тој нагласи дека разговорите биле посветени на повеќе прашања од билатералната агенда, со посебен акцент на претстојното потпишување на меѓувладиниот договор за стратегиска соработка, чија цел е создавање модерна и функционална рамка за поинтензивна, структурирана и сеопфатна соработка меѓу двете земји.
Во таа насока беше потенцирано дека договорот треба да претставува практичен инструмент за унапредување на економската соработка, институционалната размена, користењето на европската експертиза и обезбедувањето конкретни придобивки за граѓаните.

