Министерот за дигитална трансформација на Северна Македонија, Стефан Андоновски, се сретна во Загреб со хрватскиот министер за правда, јавна администрација и дигитална трансформација, Дамир Хабијан, при што беше разговарано за унапредување на соработката во областа на дигитализацијата и модернизацијата на јавните услуги.
Според соопштението од Министерството за дигитална трансформација, на средбата беа разменети искуства за развојот на дигиталните услуги за граѓаните, со посебен осврт на мобилните апликации и платформите преку кои граѓаните полесно пристапуваат до услугите на институциите.
Беше нагласено дека силната инфраструктура, интероперабилноста меѓу институциите и безбедната размена на податоци се клучни за ефикасна дигитална трансформација на јавниот сектор.
Посебен акцент беше ставен на хрватските искуства во дигитализацијата на архивското работење, е-архивата и системите за управување со документи — DMS. Министерот Андоновски истакна дека ваквите искуства се особено важни за процесите што Министерството за дигитална трансформација ги спроведува во насока на воспоставување поефикасна, транспарентна и дигитално поддржана јавна администрација.
„Дигиталната трансформација е основа за подобри, побрзи и подостапни услуги за граѓаните. Хрватското искуство во областа на е-архивата, податочните центри и дигиталните услуги претставува значаен пример на кој можеме да се угледаме и да развиваме конкретна соработка“, истакна министерот Андоновски.
На средбата беше разговарано и за можноста за организирање обуки, размена на експерти меѓу двете земји, како и за соработка преку твининг-проектите и европските механизми за поддршка на дигиталната трансформација.
Билатералната средба на министрите е дел од посетата на Андоновски на Хрватска и учеството на Форумот на Меѓународната демократска унија (ИДУ).

