April 23, 2026

Македонците лани потрошиле 427.8 милиони евра преку онлајн трансакции

Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше објавените податоци од Народната Банка на Република Македонија, за платежни трансакции со платежни картички според типот на уредот (географска поделба по земји) во 2025, согласно кои може да се забележи дека Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 427.8 милиони евра на онлајн трансакции и направиле 12.4  милиони трансакции, купувајќи производи и услуги најчесто поврзани со патувања (авио-билети и резервации на хотели).

Во однос на 2024 година, Македонците потрошиле 50% повеќе во вредност, додека бројот на е-трансакциите е зголемен за 69%. Просечната трансакција изнесува 34 евра и е помала за 11% во однос на минатата година. При тоа, 74% од вредноста и 83% од бројот на направените трансакции се во Ирска, Холандија, Обединето Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.

Македонците оствариле најголема вредност на е-трансакции во Ирска, во износ од 92.1 милиони евра, со пораст од 173% во однос на минатата година, додека во Холандија е остварена вредност од 62.4 милиони евра и пораст од 49% во однос на минатата година.

Во Ирска е направен и најголем број односно 4.8 милиони е-трансакции од страна на Македонците, а потоа 2.1 милиони во САД, додека најголем годишен пораст на бројот на е-трансакциите во 2025 година е забележан во Германија – речиси 650%, а во Кипар  263%. Пад е забележан во Луксембург на бројот на е-трансакциите од речиси 50% и во Обединетото Кралство од речиси 9%.

Највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оствариле во Унгарија од 152.2 евра, иако помалку од лани за 2.1%, додека во Луксембург направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 14.1 евра. Во 2025 година се забележува драсатичен пад на просечната трансакција во Германија од речиси 70%, која минатата година беше највисока и изнесуваше 214.2 евра.

Read Previous

Вежбата „БЛЕСОК 26“ продолжува на „Криволак“, ја следат оценувачки тим и НАТО-монитори