Владата најавува мерки за намалување на цените на зеленчукот и овошјето. Сакаат да поевтинат доматите, краставиците, јајцата. Ова следи по анализата на Државниот пазарен инспекторат во четири маркети, каде што е утврдено дека кај овој тип на производи има двоцифрен раст на цените, односно зголемување од над 10%.
Инаку, контролата на ДПИ опфатила 55 најпродавани производи, при што кај најголем дел од нив, кога се споредиле цените од 1 февруари и 1 април покажале просечно зголемување од околу 0,4%. Според анализата, просечната профитна маржа на маркетите се намалила од околу 15% на 14,7%, што според Владата значи дека растот на цените не произлегува од зголемена заработка кај маркетите. Премиерот Христијан Мицкоски не најави таргетирани мерки за граѓаните, но затоа е продолжена кризната состојба, со што ДДВ–то за горивата останува намалено од 18% на 10% до крајот на месецот. Мицкоски не очекува дека поради цените на нафтата на светските берзи ќе има поголем инфлаторен удар во април.
„Не би требало да почестуваме поголем удар, затоа што процентуалното учество на оној дел за коишто се зголемени транспортните трошоци, не дава за право да сметаме дека ќе имаме огромен скок инфлаторен за следниот месец, бидејќи влезот во крајната цена на транспортните трошоци визави зголемената маргина на цените на дизелот и бензините не е така голема, зборуваме за 1-2%“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека наредната недела, доколку се задржат сегашните цени на нафтата на светските берзи, можно е дополнително намалување на цените на горивата во Македонија. Тој посочи дека до крајот на април, на сила е одлуката на ОКТА да даде попуст од 3 денари за дизелот и 2 денари за бензинот.
„Преговараме за дизел горивото, пошто тоа е 75% од вкупното потрошувачко портфолио, да биде барем уште некој дополнителен попуст, ќе видиме, мислам дека се буткаме на рака за уште еден денар за да извадиме по литар“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Државните резерви досега воопшто не се користени и ги има за задоволување на 62 дена од просечната дневна потрошувачка. Дополнително има резерви за два месеца и во продуктоводот Солун – Скопје. Од Владата велат дека состојбата внимателно се следи и дека ќе се преземат мерки доколку има нови ценовни притисоци врз храната и енергенсите.
TV21


