Поставен камен-темелник на нов 400-киловатен далновод од ТС „Битола 2“ до македонско-албанската граница, со што Северна Македонија ја зацврстува енергетската поврзаност со соседна Албанија.
На настанот присуствуваа претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, албанскиот министер за енергетика Енеа Каракачи, како и претставници на ЕБОР, ЕУ и локалната самоуправа, како и менаџментот и проектните тимови на АД МЕПСО.
„Овој капитален проект е стратегиска интерконекција што ја заокружува електроенергетската поврзаност на Северна Македонија со сите соседи и ја зацврстува позицијата на земјата како доверлив партнер во регионалната енергетика“, истакна Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Северна Македонија преку соопштение.
Во обраќањето на настанот министерката Божиновска истакна дека овој проект е порака до инвеститорите дека преносната инфраструктура на земјата е подготвена за идната економија и зелена транзиција, додавајќи:
„Денес стоиме пред проект што ја одбележува иднината на македонскиот енергетски систем. Со 400 kV интерконективниот далновод ја засилуваме преносната мрежа, го зголемуваме капацитетот за пренос и ја зацврстуваме нашата позиција во регионалните енергетски текови.“
Според Министерството, проектот не само што ги зголемува сигурноста и стабилноста на електроснабдувањето туку овозможува поголема интеграција на обновливи извори на енергија, поттикнува инвестиции во енергетскиот сектор и го затвора единствениот отворен крак во националниот преносен систем.
Истакнато е дека преку стратегиските одлуки на АД МЕПСО веќе се обезбедени 51,2% од опремата и ќе се користи од новоизбраниот изведувач, што обезбедува континуитет на инвестицијата и заштита на државниот интерес.
„Со оваа интерконекција, Северна Македонија и Албанија го јакнат регионалното партнерство, овозможуваат стабилна размена на зелена енергија и праќаат јасна порака за доверливост во европските енергетски политики“, се вели од Министерството.
Се додава дека проектот опфаќа изградба на далновод во должина од 97,5 км на македонска територија, поставен на 269 челично решеткасти столбови, трансформаторска станица во близина на Охрид и далноводно поле во ТС „Битола 2“, со рок на извршување од 900 дена (30 месеци).
Проектот е финансиран и поддржан од меѓународните партнери, меѓу кои и ЕБОР и ЕУ, а тоа е примарен дел од регионалниот енергетски Коридор 8. „Со неговото реализирање, Северна Македонија го потврдува својот стратегиски интерес за модерна, стабилна и зелена енергетска иднина“, се нагласува од Министерството.

