Министерство за надворешни работи и надворешна трговија информира дека со последниот лет што слетал вчера на Меѓународен аеродром Скопје целосно е завршена евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток кои досега се пријавиле и изразиле подготвеност да се вратат во државата.
Со петтиот лет биле евакуирани вкупно 147 патници, од кои 119 македонски државјани и 28 странски државјани.
„Со ова државата покажа подготвеност навремено да реагира во кризни ситуации, да ја заштити безбедноста на македонските граѓани, но и да покаже солидарност кон граѓани од пријателските земји од регионот и пошироко“, се наведува во соопштението од Министерството.
Оттаму појаснуваат дека станува збор за организирани чартер летови, при што сите трошоци за нивната реализација се покриени од државата.
Со реализацијата на овие летови, вкупниот број евакуирани македонски државјани достигнал 605.
Од Министерството уште еднаш нагласуваат дека безбедноста на граѓаните е највисок приоритет и посочуваат дека евакуацијата на сите македонски државјани кои изразиле интерес за враќање во земјата е целосно завршена.
Воедно информираат дека дежурниот СОС телефонски број, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму остануваат на располагање на македонските граѓани.


