March 10, 2026

ФФМ со остра реакција кон Шкендија

Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) вчера реагираше на соопштението на ФК Шкендија.

Во својата реакција, ФФМ вели дека ФК Шкендија се јавиле со добро познатото соопштение, за како што велат, кога ќе се загубат бодови, виновни се судиите, федерацијата или тревата на теренот.

„Интересно е што токму оваа сезона во Прва МФЛ клубот од Тетово е статистички еден од најзаштитените, без практично ниту една сериозна судиска грешка на нивните натпревари. Тоа е факт кој одамна не е тајна, го знаат и фудбалската јавност и клубовите. Но тоа очигледно не претставува проблем додека резултатите одат во нивна корист. Како лани на пример, кога токму скандалозните судиски одлуки на натпреварот со Тиквеш им овозможија да стигнат до титулата. Тоа и „птиците“ го знаат. Тогаш, се разбира, немаше соопштенија, ниту загриженост за „интегритетот“ на натпреварувањето. Денеска, по ремито со Брера, повторно се бара алиби. Истите тие судии, кои наводно се проблем денес, „дозволија“ Шкендија да победи во последната минута во Кратово пред десетина дена, како и против Вардар минатото коло. Но тогаш, очигледно, сè било во ред“, се вели во соопштението на ФФМ.

Во своето соопштение Шкендија го споменува и натпреварот Силекс – Вардар, иако, како што посочија од Фудбалската федерација, било симптоматично што токму Силекс, како директен учесник на тој натпревар, воопшто не се пожалил на судењето.

„Интересно е и што од Тетово немаше ниту збор реакција кога на нивниот стадион судиите беа гаѓани со скалпел и погодени со метални пари и запалки. Тогаш, очигледно, немаше потреба од соопштенија и загриженост за судиската заштита. Очигледно е дека ова соопштение е режија на добро познатиот двоец во клубот, Љуљзим Имери и Бесник Ибраими. Двоецот кој на последните три средби со раководството на федерацијата повеќе се интересираше за интересите на другите клубови отколку за сопствениот. Шкендија како клуб, со сериозен спонзор и инвестиции како Еколог, заслужува многу поодговорно и посериозно раководење, а не ваков стил на комуникација кој се сведува на притисоци, алиби и постојани обиди за создавање теории на заговор“, посочија од ФФМ.

Ароганцијата во управувањето со клубот и постојаниот „поглед од горе“ кон сите други во лигата не водат кон успех, велат од ФФМ, туку кон сосема спротивното.

„Кога веќе најавуваат дека ќе се обратат до УЕФА, слободно. Ќе помогнеме и во таа намера и ќе ја доставиме целата статистика и видео анализа од натпреварите на Шкендија, па нека се види колку навистина е „оштетен“ клубот од Тетово. Ова раководство на ФФМ нема намера да подлегнува на вакви обиди за притисок, ниту на соопштенија кои се појавуваат секогаш кога некој ќе загуби бодови. Таквите методи одамна се прочитани во македонскиот фудбал и нема да променат ништо. ФФМ ќе продолжи да го штити единствено интегритетот на натпреварувањето, без привилегирани и без недопирливи. Правилата важат за сите, без исклучок. Секој инцидент ќе биде санкциониран. Како за сите, така и за вас. Во тоа бидете уверени“, се порачува во соопштението на Фудбалската Федерација на Македонија.

Read Previous

Мицкоски: Цената на нафтата кај нас е најниска, има доволно количини

Read Next

Хрватска ги врати касарните по речиси 20 години