Полициските служби во Босна и Херцеговина и Црна Гора спроведуваат итни проверки по пријави за наводно поставени експлозивни направи во неколку објекти, вклучувајќи ги трговските центри во Подгорица и кулата „Аваз Твист“ во Сараево.
Во Црна Гора, полицијата реагирала по добивањето на електронска порака со закана за бомба во трговските центри „Биг Фешн“ и „Сити Мол“ во Подгорица. Службениците веднаш започнале проверки на терен и преземаат итни мерки за обезбедување на безбедноста. За случајот е информирано Основното државно обвинителство во Подгорица, кое го следи развојот на настаните, а полицијата работи и на идентификација на лицето кое ги испратило заканите. Јавноста ќе биде навремено информирана за резултатите од активностите.
Во Сараево, дојава за поставена бомба беше примена во кулата „Аваз Твист“, објект од 35 ката. Полициски екипи извршија целосна евакуација на сите вработени и посетители, додека специјализирани тимови спроведуваат детална проверка на зградата за да утврдат дали постои реална закана. Полицијата го обезбедува поширокиот простор околу објектот, а оперативниот центар потврди дека увидот е во тек.


