March 7, 2026

Во недела започнува евакуацијата на македонските државјани од Блискиот Исток, целосно ќе заврши до средината на неделата

Евакуацијата на македонските државјани од земјите од Блискиот Исток ќе започне во недела и ќе се реализира со комерцијални чартер-летови, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Министерството попладнево склучило договор со авиокомпанија, согласно Законот за јавни набавки и по спроведена соодветна постапка. Според утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање во земјава.

Процесот е целосно координиран од Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва во регионот. Од ресорот посочуваат дека завршувањето на постапката за јавна набавка е потврда за навремено и одговорно постапување во насока на заштита и грижа за македонските граѓани.

Согласно последните податоци, заклучно со денес, Амбасадата во Доха била контактирана од 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Амбасадата во Абу Даби ја контактирале 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и пет од Кралството Саудиска Арабија.

Министерството уште еднаш ги повикува сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го сторат во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви на ДКП-ата или преку СОС-бројот на Министерството.

Техничките и организациските детали околу реализацијата на летовите ќе бидат дополнително утврдени во координација со економскиот оператор, а граѓаните ќе бидат навремено информирани. Од Министерството потенцираат дека остануваат во постојана комуникација со граѓаните и во координација со надлежните институции, со приоритетна цел – нивно безбедно и навремено враќање во земјата.





Skopjeinfo

Read Previous

Мицкоски изрази поддршка за Катар во телефонски разговор со катарскиот премиер Ал-Тани