March 3, 2026

МНР со владиниот авион ќе ги евакуира нашите државјани од Израел, првите се очекува да пристигнат утре

За евакуација на Македонците кои сакаат да се вратат дома од Израел, Министерството за надворешни работи (МНР) ќе го испрати владиниот авион. Од Израел ќе бидат пренесени на локација до која е безбедно да стигнат по копнен пат од каде што ќе ги преземе владиниот авион.

„За Македонците кои се во Израел веќе договараме евакуација. Се разгледуваат алтернативни патни правци кои се безбедни за да можат да бидат извлечени, а од таму да ги преземеме со владиниот авион. Првите патници очекуваме да стигнат дома уште утре“, изјавија од МНР за „Макфакс“.

Во владиониот авион има место за седуммина патници, но за да можат да си дојдат дома сите заинтересирани, се разгледуваат можности за комерцијални летови од безбедните околни точки.

Евакуација од Израел досега побарале 19 патници кои се дел од вкупно 473 македонски државјани кои ги контактирале дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Во Катар се пријавиле 106 лица, 348 се обратиле до ДКП Абу Даби, 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин.

За патниците од Катар, од МНР велат дека се во преговори за специјален комерцијален лет со кој би се вратиле дома оти сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат, а вrаќањетo од Обединетите Арапски Емирати ќе почне во првата безбедна прилика.

Денес во Белград слета авион со 200 српски државјани кои се вратија од Дубаи со комерцијален лет, а аеродромот извести дека ќе го продолжи воздушниот сообраќај со реализација на ограничен број летови. Приоритет ќе им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои ќе бидат дополнително прераспределени на ограничените летови, ќе бидат директно контактирани од компанијата. 

Read Previous

Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани