Минатата година е забележан континуиран тренд на намалување на бројот на невработени лица во земјава, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување на Македонија (АВМ). Од месец во месец се регистрира пад на бројот на граѓани кои се пријавуваат како невработени.
Според последните податоци, во ноември 2025 година како невработени биле евидентирани 90.278 лица, додека во категоријата „други лица кои бараат работа“ биле пријавени 42.614 граѓани.
За споредба, еден месец претходно бројот на невработени изнесувал 91.434 лица, а во октомври биле регистрирани 94.729 невработени. Во септември бројката изнесувала 94.480 лица, додека во август како невработени биле пријавени 95.032 граѓани.
Овие податоци укажуваат на јасен и стабилен тренд на намалување на невработеноста, при што се бележат најниски бројки на пријавени невработени во последниве неколку години.
Анализата по региони покажува дека најголем број невработени се регистрирани во Скопје, каде како невработени се пријавиле 20.160 лица. Следува Тетово со 11.807 невработени, Куманово со 8.930, Гостивар со 6.508 и Прилеп со 5.379 невработени граѓани.
Надлежните институции очекуваат овој тренд да продолжи и во наредниот период, особено со примената на новиот Закон за работно ангажирање, кој стапи на сила од 1 јануари 2026 година.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши неодамна изјави дека, според податоците на Државниот завод за статистика за 2024 година, во земјава имало околу 694 илјади вработени лица, од кои околу 85 илјади биле неформално ангажирани.
– Ова е сериозен предизвик кој бара системски решенија. Законот за работно ангажирање претставува суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско вработување, нагласи Дурмиши.
Skopjeinfo


