January 31, 2026

Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година

За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.

Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.

На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.

Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.

Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.

Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

Read Previous

Дете прегазено на раскрсница во скопско Визбегово