Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се обезбедени средства за набавка на 150 електрични автобуси наменети за Град Скопје и за општините што имаат организиран јавен превоз. Изјавата ја даде одговарајќи на новинарско прашање по настанот на Економскиот факултет при УКИМ, каде што беа презентирани програмските приоритети за 2026 година на Националната агенција „Еразмус+“.
Набавката ќе се реализира преку кредит со рок на отплата од 15 години и каматна стапка од 3,25 проценти, во рамки на меѓувладин договор со Унгарија. Кредитот, како што појасни Мицкоски, ќе биде под исти услови како и претходниот аранжман – со тригодишен грејс-период и дополнителни 12 години за отплата.
Според најавите, Град Скопје претходно побарал 250 електрични автобуси, но во оваа фаза ќе добие 100 автобуси и 50 полначи. Останатите општини со организиран јавен превоз ќе добијат 50 автобуси и 25 полначи, иако нивното вкупно барање изнесувало 89 автобуси.
Мицкоски нагласи дека проектот е дел од стратешкото партнерство со унгарската влада и претставува значаен чекор кон модернизација и еколошко унапредување на јавниот превоз во земјата.
TV21


