Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата на Македонија ги следи случувањата во Општина Пустец во Албанија, каде што албанската влада планира изградба на три мигрантски кампови – нешто што предизвика реакции кај македонската заедница која живее во овој регион.
„Апсолутно ги следиме сите случувања. Помагаме во рамките на нашите можности, но ова мора да се прави со повеќе внимание, за да не се создаде впечаток дека се мешаме во внатрешните работи на соседна држава, како што не сакаме ние да ни се мешаат, така и ние не треба да се мешаме. Затоа македонците од Пустец, и не само тие, генерално во земјите околу нас и дијаспората, апсолутно оваа Влада ја има како сериозен партнер и сојузник, а мене лично“, вели Христијан Мицкоски.
ТВ21 се обиде да добие став за оваа тема и од министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, која беше во официјална посета во Скопје, но без успех…
„Ви благодарам многу. Ние двајцата се договоривме дека нема да земаме прашања по оваа тема. Ова ќе остане за некоја следна дискусија. Денес е важно да ја истакнеме соработката помеѓу двете наши земји за да се олесни уште повеќе слободното движење на граѓаните“, порача Албана Кочиу.
Пред неколку дена претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, изјави дека македонската заедница во Пустец е против одлуката на владата за отворање на три приемни центри за мигранти – во селото Зерноско, на спортските терени во Пустец и во селото Долна Горица.
„Овие центри се планирани за мигрантите од Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа, кои ја користат Албанија како транзитна земја за влез во Европската Унија. Македонската алијанса за европска интеграција го осудува фактот што оваа одлука е донесена без каква било јавна консултација со жителите на македонската заедница во Општина Пустец, без вклучување на локалната власт и без дијалог со локалните актери, што сериозно ги крши принципите на локална самоуправа, транспарентност и демократско учество“, вели Васил Стерјовски.
ој воедно додаде дека отворањето на овие центри, во комбинација со недостиг на инвестиции, може да доведе до поголем егзодус на жителите, што според него го загрозува постоењето и опстанокот на македонската заедница во овој регион. Стерјовски побара од владата на Албанија да ја отстрани Општина Пустец од планот за изградба на мигрантските центри. На оваа реакција и барањата на на оваа партија се приклучи и Македонската асоцијација “Илинден” во Тирана.
TV21


