January 28, 2026

Петмина кандидати за државен јавен обвинител, кандидатурите испратени во Владата

Петмина кандидати се пријавија на огласот на Собранието за јавен обвинител на Република Северна Македонија и нивните кандидатури денеска се пратени во Владата, информираат за МИА од собраниската прес-служба.

Од таму имињата на кандидатите не ги откриваат, но како што некои од пријавените и сами потврдија, станува збор за сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ. 

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека Владата ќе го каже својот став во однос на изборот на нов републички јавен обвинител откога за тоа ќе се произнесе Советот на јавните обвинители.

– Сега постапката е да се произнесе Јавното обвинителство, односно Советот на јавните обвинители, да почекаме тие да се произнесат, а потоа Владата ќе излезе со свој став – рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања по увидот на инфраструктурните проекти во општина Гази Баба.

Еден од петтемина пријавени би требало да го наследи Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, а на негово место како в.д. државен јавен обвинител дојде обвинителката Тополова-Исајловска, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право. 

Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.

Read Previous

Бојан Маричиќ избран за нов претседател на Државната изборна комисија

Read Next

Фудбалерот има 33 години, неговата ќерка 21: Светот е во шок поради неговата животна приказна