Денеска на полноќ завршува рокот за пријавување на кандидатите за нов државен јавен обвинител, а досега се пријавени четири кандидати.
Од Собранието не откриваат детали за сите имиња, но потврда за доставување кандидатура има од судијата Ненад Савески и јавната обвинителка Лидија Раичевиќ. Меѓу пријавените се споменува и поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, како и Мустафа Хајрулахи, поранешен виш јавен обвинител и адвокат.
Новиот државен јавен обвинител треба да има најмалку 10-годишно работно искуство. Секој од кандидатите ќе биде оценет од Советот на јавни обвинители, кој потоа ќе испрати список со имиња до Владата.
Владата ќе избере еден кандидат кој ќе го наследи Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка истиот ден кога требаше да се дебатира за неговото разрешување во Собранието. Тој ја извршуваше функцијата неполни две години, откако беше избран на 13 февруари 2024 година.
Во меѓувреме, вршител на должноста државен јавен обвинител е Анита Тополова Исајловска.
TV21


