Градот Скопје обезбедува сопствен стан кој ќе служи како шелтер центар за заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство.
На денешната седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлука за користење на станот како безбеден, привремен дом за лица кои се жртви на насилство. Во новиот центар, жртвите ќе добијат итен смештај, стручна поддршка, советување и целосна грижа до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде засолниште, подадена рака и нов почеток“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со воспоставувањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје ги реализира приоритетните политики за заштита, поддршка и превенција од насилство, обезбедувајќи систем кој нуди сигурност, институционална грижа и достоинствено опоравување на жртвите.
„Градот мора да биде засолниште за сите граѓани, особено за најранливите. Ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот.
Скопје веќе ги подготви сите услови за јавен повик за организација со докажано искуство, која ќе управува со центарот и ќе обезбеди специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка.
Со ова започнува нова фаза на одговорно, транспарентно и човечно работење, со цел градење на град во кој насилството нема место, а поддршката е достапна за секој што ја бара.
TV21

