Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, рече дека на маргините на денешниот министерски состанок на НАТО ќе се одржи многу важна дискусија за Коридорот 8, за кој истакна дека е од клучна политичка и безбедносна важност за подобрување на поврзаноста и за стратешката воена мобилност.
Муцунски го соопшти тоа при пристигнувањето на денешниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел.
„Јас и мојот италијански колега Антонио Тајани ќе бидеме кодомаќини на овој настан на кој се надевам дека ќе можеме да разговараме не само за Коридорот 8, туку и за Западниот Балкан, каде што има многу големо влијание од страна на Русија, Кина, но и од други засегнати страни“, истакна Муцунски.
Во однос на министерскиот состанок, Муцунски рече дека на него ќе стане збор за имплементацијата на договореното на Самитот на НАТО во Хаг, за плановите за зајакнување на подготвеноста на Алијансата, како и за поддршката за Украина, во услови кога се гледа импулс и прозорец на можности за постигнување мир, на што, како што рече, целосно се посветени американскиот државен секретар Марко Рубио, претседателот на САД, Доналд Трамп, и целиот негов тим.
„Го гледаме тој јасен прозорец на можности за постигнување ваков мир и секако ќе застанеме во поддршка на овој постоечки моментум“, додаде Муцунски.

