November 14, 2025

Пирамидата во Тирана – Од музеј на поранешниот диктатор Енвер Хоџа до туристичка атракција

Меѓу туристичките дестинации на главниот град на Албанија е и Пирамидата во Тирана, која стана туристичка атракција за странските и домашните посетители.

По трансформацијата пред неколку години оваа зграда, симбол на демократскиот транзициски период во Албанија, покрај тоа што е туристичка атракција, стана и мултифункционален центар.

Пирамидата, која ги комбинира историјата, архитектурата, туризмот, модерноста и иновациите, е меѓу неколкуте уникатни туристички атракции што ги нуди Тирана и предизвикува голем интерес со историјата, но и со посебната архитектура што наликува на пирамидите во Египет.

Во последните години од диктатурата во Албанија беше музеј посветен на албанскиот диктатор Енвер Хоџа, кој ја водеше комунистичка Албанија во периодот од 1944 до 1985 година, а денес Пирамидата стана мултифункционален центар и атракција за туризмот во Тирана.

– Историја на Пирамидата во Тирана

Според официјалните податоци од Општина Тирана, Пирамидата била отворена на 14 октомври 1988 година како музеј на поранешниот диктатор Енвер Хоџа, служејќи како музеј на наследството на поранешниот комунистички лидер до 1991 година.

Структурата на зградата била дизајнирана како орлови крилја, симбол на албанската нација, кој како таков се појавува само одозгора, а од другата перспектива на минувачот му наликува на пирамида, од која го доби и името во секојдневната употреба.

Група архитекти работела на нејзиниот дизајн под раководство на ќерката и зетот на поранешниот диктатор Хоџа.

По соборувањето на комунистичкиот режим во 1991 година започнала трансформацијата на оваа уникатна зграда, која неколку децении имала различни функции, од културен центар до мултифункционална зграда.

– Трансформација и пренамена во туристичка атракција

Пирамидата, која се наоѓа во близина на булеварот „Мачениците на нацијата“, е една од најпопуларните згради за Албанците, но и за странците што ја посетуваат Тирана.

Зградата зафаќа површина од околу 6.000 квадратни метри, со висина до 21 метар, а вкупната површина заедно со надворешните простории е околу 30.000 квадратни метри.

Албанските власти одлучија да ја трансформираат тиранската пирамида во модерна и привлечна зграда, а нејзината нова и разновидна инфраструктура беше промовирана во октомври 2023 година.

Проектот за трансформација на тиранската Пирамида имаше цел да ја трансформира во мултифункционален центар, со простори за млади и луѓе што можат да се вклучат во уметноста, културата, иновациите и креативната технологија.

По трансформацијата, Пирамидата ја задржа основата и главна структура, но трансформирана е во модерна средина со шарени „мини згради кутии“ лоцирани околу неа, кои имаат различни функции, станувајќи простор за забава за граѓаните и туристите.

Нејзините познати и уникатни скали им овозможуваат на посетителите да се искачат на пирамидата и да го видат целиот главен град на Албанија, од чиј врв се укажува панорамата на Тирана.

Денес Пирамидата се користи за конференции, студиски работилници, технолошки центар, забавен центар, за барови, ресторани, други бизниси и како рекреативна и забавна средина.

– Туристите покажуваат голем интерес

Пирамидата е една од туристичките атракции на Тирана, која привлекува голем број посетители од различни земји во секое годишно време.

Фидан Бајрамова од Азербејџан првпат е во посета на Тирана и одлучила да ја разгледа подетално зградата на Пирамидата. Таа за Анадолу изјави дека навистина ѝ се допаѓа Пирамидата.

„Сè е многу добро. Времето е многу убаво, а исто така многу ми се допаѓаат историските места“, рече Бајрамова, опишувајќи ја Пирамидата како посебна.

Андине Набила Октавијани е туристка од Индонезија и првпат е во посета на Тирана, а една од нејзините станици за разгледување е Пирамидата.

„Навистина ми се допаѓа ова место во Тирана, со прекрасни згради и толку многу добри луѓе. Оваа Пирамида, првпат гледам ваква. Мислам дека ова е едно од добрите места бидејќи сум многу заинтересирана за ова. Може да ги видиме целата планина, зградата, погледот е добар“, рече таа.

Давид Канада од Шпанија ја посетил Тирана со своите пријатели, а му се допаѓа и Пирамидата поради погледот што го нуди на целиот град.

„Навистина е прекрасно. Навистина ни се допадна местото. Исто така, луѓето се многу пријателски. Прекрасна е (Пирамидата) и имаме поглед на целиот град“, рече тој.

Аријана Фалкон од Шпанија е уште една туристка што ја избрала Тирана за да ги истражи нејзините туристички атракции и историја. Меѓу туристичките дестинации на главниот град, таа ја посетила и Пирамидата, за која вели дека многу ѝ се допаѓа.

Read Previous

11 возачи приведени за безобзирно возење, 290 фатени без возачка дозвола