Министерот Тимчо Муцунски и потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Гроот, потпишаа договор за отворање на претставништво на ЕИБ во Скопје.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, придружуван од премиерот Христијан Мицкоски, денеска се сретна и потпиша договор со потпретседателот на ЕИБ, Роберт де Гроот, кој е во работна посета на нашата земја.
Договорот претставува важна алка во зајакнувањето на поддршката за економскиот раст и интеграцијата на земјата во Европската Унија.
ЕИБ има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата – инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија, како и подобрување на животниот стандард преку модернизација на јавните услуги од воспоставувањето на независноста на земјата до денес.
Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Скопје ќе овозможи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и поголем пристап до техничката и финансиска поддршка што ја нудат европските институции.
Министерот Муцунски за договорот рече:
„Од денес, ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и македонските компании – поддржувајќи ги во реализацијата на нивните развојни инвестиции и проекти. Поблиското присуство на ЕИБ претставува јасен сигнал дека нашата држава се движи во насока на модерна, европска и конкурентна економија – отворена за инвестиции и ориентирана кон долгорочен и одржлив раст. Новата фаза на соработка во која влегуваме денес се совпаѓа со стратешките цели на Владата – забрзување на економската трансформација, поддршка на зелената транзиција и усвојување на европските успешни практики и стандарди“.
Потпретседателот на ЕИБ, Де Гроот, во своето обраќање на церемонијата на потпишување во Скопје истакна:
„Овој договор го зајакнува нашето партнерство и ги потврдува заедничките цели – поддршка на патот на Северна Македонија кон интеграција во Европската Унија, подобрена регионална поврзаност и зелена транзиција.“
Тој додаде дека одржливите инвестиции се од витално значење за градењето на отпорна економија, подготвена за иднината, која може да се натпреварува во рамките на ЕУ и глобално.
Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михаил Рокас, за постигнатиот договор изјави:
„Како кредиторски огранок на Европската Унија, ЕИБ игра клучна улога во претворањето на европската посветеност кон интеграцијата на Северна Македонија во конкретни проекти“, и додаде:
„Заедно, во рамките на пристапот ‘Тим Европа’, инвестираме во трансформацијата на земјата – поддржувајќи одржлив и инклузивен раст, модерна инфраструктура и подобар животен стандард за сите граѓани“.

