„Во програмата не беа предвидени средства за предновогодишно украсување, но со ребалансот на буџетот во петок ќе предвидиме средства за китење на главниот град и ќе биде организирана новогодишна прослава каква што треба – за граѓаните и за пречек на Новата година. Со тоа, конечно, Скопје ќе биде украсено како што треба да биде и како што заслужуваат нашите граѓани“, изјави Ѓорѓиевски во гостување на МРТВ.
Во врска со повикот на јавниот обвинител Љупчо Коцевски да пријави доколку има индиции за злоупотреби во Град Скопје, Ѓорѓиевски рече дека веќе имале средба со претставници на Финансиската полиција и додаде дека, во интерес на истрагата, не може да даде повеќе информации.
„Стојам зад сите факти што ги изнесов во јавноста. Околу 500 лица се отстранети од списоците на вработени во јавните градски претпријатија кои земале плата, а не доаѓале на работа, со што го прекршиле Законот за работни односи и дисциплината во претпријатието. Тоа не се лица што ќе бидат заменети со нови, бидејќи нивната улога била единствено да вршат злоупотреби и да го доведат Градот Скопје во состојбата во која се наоѓа денес“, рече градоначалникот.
Скопјеинфо


