 
									                                Од 1.845.000 осигуреници, околу 477.000 луѓе работат во сива економија, а имаат бесплатно здравствено осигурување. Фондот за здравство прави проценка на критериумите кој може бесплатно да се лечи. Целта е да се намали ризикот од злоупотреби, но и да се намалат штетите врз буџетот.
„Првата е сива економија, лица кои што остваруваат приходи на неформален начин, надвор од трансакциска сметка. Втората група е лица кои што не живеат во Македонија или не ги остваруваат примањата во Македонија, бидејќи оваа основа е поврзана со остварени или неостварени приходи на трансакциска сметка. И доколку немате приходи на трансакциска сметка се квалификувате да имате бесплатна здравствена заштита“, изјави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравство.
Според Клековски целта не е да се укине бесплатното здравство туку да се воспостави фер и праведен основ бесплатна здравствена заштита да има за луѓето кои што навистина немаат приходи. Но за оние што остваруваат приходи во сива економија или надвор од Македонија да се најде начин да се стесни просторот за злоупотреби.
„Можната штета тука е по две основи. Условно да кажам тоа е дека се оштетува буџетот бидејќи се обезбедува бесплатна здравствена заштита за луѓе кои што можат да си платат. И второ дека ние имаме број на осигуреници кој не е реален во основа , а ние ги исплаќаме капитациите за матични лекари врз основа на тој број.“, вели Клековски.
Со одлука на Владата, во работната група која ги чешла критериумите кој се може да добие бесплатно здравство во земјава покрај Фондот учествуваат и министерствата за здравство, за финансии, Управата за јавни приходи, а по потреба се консултира и Министерството за внатрешни работи.
TV21
 
															 
								

