October 30, 2025

Поради немање на цензус во првиот круг од изборите, во четири општини ќе има повторно гласање

Поради недоволна излезност и непостигнат цензус во првиот круг од локалните избори, во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – ќе се повтори изборната постапка за избор на градоначалници. Според Изборниот законик, гласањето нема да се одржи во недела, туку во рок од 60 дена по објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025.

Како што информира Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини во првиот круг не беше постигната потребната излезност од најмалку една третина (33,33%) од запишаните гласачи, што е предуслов изборите да се сметаат за успешни.

Одзивот на гласачите изнесувал 33,31% во Гостивар, 25,18% во Врапчиште, 30,31% во Маврово и Ростуше и 21,49% во Центар Жупа.

Согласно член 132 став (2) од Изборниот законик, доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник не излезе најмалку една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од избирачкиот список, изборната постапка се повторува во целост. Дополнително, член 132-а пропишува дека повторените избори се одржуваат најдоцна 60 дена по објавување на конечните резултати, без да важи условот за излезност од една третина.

Со тоа, целиот прв круг во овие четири општини ќе се повтори, а новата изборна постапка ќе започне во наредните два месеци.






Skopjeinfo

Read Previous

Во Скопје се одбележа 102-годишнината од основањето на Република Турција

Read Next

Администрацијата на Трамп ги укина санкциите против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик