December 14, 2025

Во Скопје се одбележа 102-годишнината од основањето на Република Турција

Со свечен прием, во резиденцијата на турската Амбасада во Скопјe беше одбележана 102-годишнината од основањето на Република Турција, јавува Анадолу.

На настанот присуствуваа високи личности од Северна Македонија, меѓу кои претседателот на Собранието, Африм Гаши, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министри, пратеници, градоначалници, како и претставници на организации и институции од двете земји.

Церемонијата започна со интонирање на националните химни на Турција и Северна Македонија.

Во својот говор, амбасадорот на Турција во Скопјe, Фатих Улусој, им се заблагодари на присутните и ги пренесе поздравите од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој потсети дека Република Турција е основана пред 102 години и го нагласи напредокот постигнат во секоја област оттогаш.

„Од основањето на Републиката, нашата земја и нација направија голем напредок во секоја област. Турција е членка на ОН, НАТО, ОЕЦД и Г20, како и земја кандидат за Европската Унија. Таа игра активна улога во надворешната политика, медијацијата, одбранбената индустрија, хуманитарната помош и меѓународниот развој, придонесувајќи за светскиот мир“, рече Улусој.

Нагласувајќи ги блиските односи меѓу двете земји, тој додаде дека Турција и Северна Македонија се поврзани една со друга преку силни врски меѓу двата народа.

За време на приемот беше прочитана и пораката на претседателот Ердоган по повод 29 октомври, Денот на Републиката.

Како дел од прославите, Амбасадата на Турција во Македонија, во соработка со Канцеларијата на аташето за култура и промоција и Здружението на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) и со поддршка на Здружението на скопски еснафи, претходно во текот на денот организираше прошетка и културна програма во Старата скопска чаршија.

Read Previous

Сиљановска се согласувала со престедателот Макрон

Read Next

Поради немање на цензус во првиот круг од изборите, во четири општини ќе има повторно гласање