October 29, 2025

Официјално избрани 44 градоначалници – прегласување ќе има во Шуто Оризари за избор на советници

По првиот круг на локалните избори во 44 општини и официјално е завршен изборот на градоначалници, објави Државната изборна комисија. Досега се чекаше на објавувањето на нивните конечни резултати поради тоа што во 11 општини беа поднесени приговори кои беа одбиени. Со ова, претседателот на ДИК Борис Кондарко соопшти дека на втори ноември, односно оваа недела ќе се одржи вториот круг на гласање во 33 општини.

„Единаесет општини се приклучуваат на 33-те општини за кои во четвртокот објавивме конечни резултати за избор на градоначалници, каде што изборите се завршени во прв круг. Со денешнава објава на 11-те општини за избор на градоначалник во прв круг и претходните 33 од минатиот четврток каде што немаше приговори, вкупно се завршени 44 општини каде што е извршен избор на градоначалник во првиот изборен круг“, порача Борис Кондарко.

Во однос на советите на општините исто така беа поднесени приговори, но се усвои единствено за три избирачки места во Шуто Оризари.

„Единствено остана една општина со 3 избирачки места кои се поништени од страна на Управниот суд. Тоа е општина Шуто Оризари на избирачки места 2961, 2962 и 2966. Во овие три избирачки места по направената симулација утврдено е дека можно е да има теориско влијание бројот на запишаните гласачи во овие три избирачки места на распределбата на мандатите во Советот“, вели Борис Кондарко. 

Но со гласањето во недела не се заокружува изборниот процес на локалните избори, бидејќи останаа 4 општини каде ќе треба да се одржат нови избори бидејќи тие немаа освоено цензус на излезени гласачи. Тоа се општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше и таму гласањето ќе се одржи 60 дена по завршувањето на вториот круг на локалните избори.

Read Previous

Стартува директната авиолинија од Скопје до Мадрид

Read Next

Сиљановска-Давкова во Франција, ќе учествува на Парискиот мировен форум