
Во акција на грчката полиција, што од рано утрово е во тек во повеќе делови на Грција, уапсени се 37 лица, членови на криминална организација која незаконски добивала субвенции од Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ, меѓу кои и земјоделска помош во Грција (ОПЕКЕПЕ), јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција информираа дека операцијата што ја води потсекторот за борба против организиран криминал на северна Грција се спроведува во градовите Солун, Пела, Едеса (Воден) и Јанина, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина и на островот Крит, со цел разбивање на криминална организација која се занимавала со тешки кривични измами на штета на економските интереси на Европската Унија и грчката национална економија, добивајќи незаконски субвенции од ОПЕКЕПЕ.
Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори пишува дека уапсените не се земјоделци, а процените се дека добиле субвенции од над 20 милиони евра, од кои најмалку пет милиони биле нелегални, додека пак акцијата се води во консултации со европското обвинителство.
За скандалот со европските земјоделски субвенции, европската обвинителка Лаура Ковеши на прес-конференцијата во Атина пред 20 дена истакна дека „со години, криминалците, со помош на државни службеници и високи функционери, крадеа европски пари што беа наменети за помош на вредните и чесни земјоделци за да ја обработуваат оваа прекрасна земја, а не за некои луѓе да стекнат со вили и луксузни автомобили“, но и дека „ОПЕКЕПЕ стана акроним за корупција и непотизам“.
Nezavisen