October 21, 2025

Грчката Влада со амандман ќе го заштити споменикот на Незнајниот војник во центарот на Атина

Забрана за одржување јавни собири, окупирање и промена на изгледот на просторот кај споменикот на Незнајниот војник пред грчкиот Парламент во центарот на Атина предвидува амандманот што Владата го донесе пред пратениците, а гласањето се очекува да биде во текот на денешниот ден, јави дописничката на МИА од Атина.

Амандманот се однесува на заштита на споменикот што е пред Парламентот што го чуваат „Евзоните“, односно војниците од претседателската гарда, а е посветен на сите грчки војници чиј идентитет не е утврден, кои животот го дале во битките за својата татковина.

Конкретниот простор, освен што е една од главните туристички локации во Атина, доста често е местото каде што се одржуваат протести, но и инциденти за време на демонстрации, а е и просторот каде што се испишани имињата на загинатите во железничката несреќа кај Темпи и каде што таткото на еден од жртвите штрајкуваше со глад.

Со амандманот потпишан од министрите за финансии, одбрана, внатрешни работи, култура, за заштита на граѓаните, за животна средина и енергетика и за правда, предвидена е затворска казна до една година или парична казна доколку се прекрши забраната за „користење или окупирање на површината за која било друга цел освен посета на Споменикот, каква било промена на изгледот и одржување на какво било јавно собирање“.

Дополнително, според амандманот, Министерството за национална одбрана презема сите потребни мерки за одржување, грижа и промоција на споменикот на Незнајниот војник, додека пак грчката полиција е одговорна за одржување на јавниот ред.

Конкретниот амандман предизвика реакции од опозициските партии кои од Владата бараат да го повлече.

Во текот на денешниот ден, за време на расправата во Парламентот, говор ќе одржи и грчкиот премиер, а амандманот се очекува да биде изгласан од пратениците од владејачката Нова демократија.




BRIF

Read Previous

Андоновски: Македонија ја гради иднината на вештачката интелигенција дома, со Европа како партнер

Read Next

На Клиниката за неврохирургија во Скопје првпат се изведе операција на мозок со помош на системот за стереотаксија