
Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата победуваат во повеќето општини во Северна Македонија на локалните избори што се одржаа денес.
Врз основа на податоците Државната изборна комисија (ДИК) и преброени 75,37% од гласовите за градоначалници, Коалицијата ВМРО води во 54 општини и Град Скопје, Коалицијата СДСМ води во 8 општини, ВЛЕН во 8, а Национална алијанса за интеграција (НАИ) води во 5 општини.
По еден градоначалник имаат демократската партија на Турците, Движењето ЗНАМ, Унија на Ромите, Граѓанска иницијатива Менди Ќура во Струга и Граѓанска иницијатива Азем Садики во Студеничани.
По денешните избори ќе следи втор круг кој ќе се одржи на 2 ноември во општините во кои, според правилата за локални избори во земјата, доколку ниту еден од кандидатите за градоначалник не освои повеќе од 50% од гласовите во првиот круг, тогаш двајцата кандидати со најмногу гласови продолжуваат во вториот круг.
Во Град Скопје води кандидатот на Коалицијата ВМРО, Орце Ѓорѓиевски со 41,23%, пред Амар Мециновиќ од Левица со 12,76% и Башким Бакиу од ВЛЕН со 12,22%.
Во Чаир води актуелниот вицепремиер Изет Меџити од коалицијата ВЛЕН, кој прогласи победа со освоени 50,44 % од обработени 39,68 % од гласовите, пред противничкиот кандидат Бујар Османи од НАИ, кој освои 39,67% гласови.
Во Тетово врз основа на 91,50 % од обработените гласовите, Билал Касами од коалицијата ВЛЕН води со освоени 46,96 % гласови, пред Бајрам Реџепи со освоени 37,20% гласови.
Во Гостивар се преброени 82,55 % од гласовите, во убедливо водство е Валбон Лимани од НАИ со освоени 59,18 % гласови. По него следуваат Себаедин Даути од ВЛЕН со освоени 15,47 % гласови, Дарко Грујоски од Левица со 11,66 % и Висар Адеми со 5,27 %.
Во Кичево, Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ води со 49,13 % освоени гласови од 71,20 % од обработените податоци. Зад него следат Фатмир Дехари од НАИ со 20,08 % освоени гласови, Фатмир Лимани од коалицијата ВЛЕН со 15,36 % и Шкодран Алили 14,40 % гласови.
Во Струга, независниот кандидат Менди Ќура води со 38,62 %, по кој следуваат Арсим Далипи од НАИ со 35,50 % освоени гласови и Јована Мојсоска од Левица со 11,90 %.
Во Охрид се преброени 73,90 % од гласовите, при што Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ води убедливо со освоени 64,80 % гласови, пред Асен Шајни од СДСМ со 23,10 % освоени гласови.
Во Куманово, од преброени 54,40 % од гласовите, Максим Димитриевски, лидер на владејачкото движење ЗНАМ, води со освоени 34,14 % гласови. По него следуваат Селвер Ајдини од НАИ со освоени 19,90 % гласови, Арбен Етеми од ВЛЕН со 12,97 % и Мартин Костовски од СДСМ со 12,56 %.
– До 18.30 часот гласаа 46,65% од гласачкото тело на Северна Македонија
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека на денешните локални избори, заклучно со 18.30 часот, правото на глас го искористиле 803.091 граѓанин или 46,65% од вкупниот број гласачи во Северна Македонија, известува Анадолу.
Вчера, денот пред изборите, гласаа затвореници, лица во домашен притвор, болни, лица со инвалидитет и лица во домови за стари лица.
Ова се осми локални избори во Северна Македонија, по оние во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година, и се сметаат за важен тест за политичките сили во пресрет на претстојните парламентарни избори.
На овие избори 1.832.415 граѓани имаа право да гласаат за избор на 80 градоначалници и членови на општински совети низ целата земја и за градоначалник на Градот Скопјe и членови на Градскиот совет на Скопјe.
На локалните избори за функцијата градоначалник се натпреваруваат 309 кандидати. За членови на општинските совети се поднесени 576 листи со вкупно 10.490 кандидати.
Вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидати учествуваат на овие локални избори.
Државната изборна комисија соопшти дека за следење на овие избори се акредитирани вкупно 1.451 набљудувач, 807 домашни, 644 странски набљудувачи и 12 странски новинари.
По гласањето што ќе се одржи денес ќе следи втор круг на гласање кое е закажано за 2 ноември, во оние општини во коишто ниту еден од кандидатите не успеал да го освои потребното мнозинство во првиот круг. Во вториот круг на гласање за градоначалник ќе биде избран кандидатот кој ќе освои поголем број гласови.
Доколку и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Во општините Центар Жупа, Маврово и Ростуша, и во Врапчиште, според последните податоци, не излегле на гласање потребниот минимум на гласачи од една третина од вкупното гласачко тело.
Во Центар Жупа, до 18:30 часот на гласање излегле 21,61 % избирачи, во Маврово и Ростуша 28,58 %, а во Врапчиште 21,30 %.
ДИК по објавувањето на официјалните резултати ќе соопшти во кои општини во земјата ќе се одржи вториот круг гласање.
Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондтовата формула.