
На денешен ден, 16 октомври во 2007 година, Тоше Проески го загуби животот на 26-годишна возраст, во сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска. Целиот Балкан плачеше и се прости од овој уметник, а денеска се навршуваат 18 години од неговата смрт која го потресе целиот регион.
Автомобилот во кој се наоѓаше македонскиот пејач се судри со камион во утринските часови во близина на хрватскиот град Нова Градишка. Тоше Проески во моментот на несреќата седел на совозачкото седиште и спиел.
Колку беше обожаван и сакан од народот, покажува и информацијата дека македонското Собрание тој ден ја прекина седницата за да му оддаде почит на починатиот пејач со едноминутно молчење. Во Македонија тогаш 17 октомври беше прогласен за Ден на жалост.
Тоше беше сакан од целиот регион, неговиот глас допре до секое срце. Би-би-си Њуз го нарече „балканскиот Елвис Присли“. Тој беше познат и по својата хуманитарна работа, неговиот ангелски лик и глас го направија личност чија љубов кон другите немаше граници.
Во негова чест, денеска од 12 до 15 часот на детската улица „Тоше Проески“ во Ново Лисиче ќе се одржи настан под слоганот „Тоше те сакаме“.
Овој настан претставува искрена почит и сеќавање на човекот кој остави траен белег во македонската музика и култура. Целта е да се испрати порака дека Тоше сè уште живее во нашите срца, а неговата музика и хуманост остануваат безвременски симбол на добрината, љубовта и единството.
Публиката ќе ужива во настапите на децата од градинките, училишните хорови од основните училишта, како и на македонските музички ѕвезди: Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски, Наде Талевска, Марија Спасовска, Драган Темелков, Лили Акустик, Ивона Јо, Тамара Волческа, Владимир Поповски и Васил Ангелов, кои ќе ги изведат безвременските хитови на Тоше Проески. Покрај музиката, ќе има изложба на дела од основците, активност за пишување на хумани пораки на картони со Бомбакис, цртање на мега-слика со РВР бренд.
Со песна, љубов и сеќавање, сите заедно ќе му оддадеме чест на човекот кој ја обедини Македонија со својот глас, својот дух и своето големо срце.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992), каде што испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјата и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата.