
Вчера околу 18:30 часот, Планинската спасителна служба (ПСС) добила повик за интервенција поради несреќа со параглајдер на падините на Галичица. Група параглајдеристи пријавиле дека нивниот пријател, државјанин на Германија, од засега непознати причини паднал од поголема височина на непристапен и карпест терен.
Среќна околност е што тројца спасители од ПСС во тој момент престојувале во планинарската куќа „Спиридон“, во непосредна близина на спасителната станица опремена со специјализирана техничка опрема за вакви интервенции. Веднаш по дојавата, тие за само 15 минути стигнале до местото на несреќата, извршиле имобилизација на повредениот и започнале комплексен транспорт по исклучително стрмен и тежок терен.
Целата акција се одвивала во отежнати услови поради ноќта која настапила, а траела повеќе од еден час. Во 20:20 часот повредениот бил безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба и предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид.
Повредениот веднаш бил пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде лекарите констатирале тешки повреди – фрактури на пет пршлени во долниот дел на рбетот.
ПСС упатува апел до сите љубители на планината за претпазливост и одговорно уживање во есенскиот амбиент на Галичица, со потсетување дека безбедноста секогаш треба да биде на прво место.
TV21