September 11, 2025

Судскиот совет ќе ја стави во мирување работата за време на локалните избори

Со седум гласа „за“ и четири „против“, Судскиот совет денеска на седница одлучи да останат во сила заклучоците донесени за време на претседателските и парламентарните избори во 2024 година, според кои постапувањата во надлежност на Советот ќе бидат ставени во мирување за време на изборниот процес. Овојпат одлуката се однесува на локалните избори закажани за октомври 2025 година.

Во расправата што ѝ претходеше на гласањето, дел од членовите на Советот изразија став дека институцијата треба да продолжи со својата работа, дури и во изборен период, за да се заштити принципот на независност на судската власт. Тие укажаа дека надлежностите на Советот опфаќаат клучни прашања како што се избор, унапредување и дисциплинска одговорност на судиите, кои, според нив, не треба да се одложуваат поради избори.

Членката Тања Чачарова-Илиевска се повика на укажувањата од Европската комисија и Оценската мисија, нагласувајќи дека „работата на Советот не треба да стагнира“ и дека е време да се надмине пасивниот пристап.

Сличен став изнесе и Антоанета Димовска, која рече дека Советот мора да направи исчекор и да се извлече од статус квото што се повторува на секои избори.

„Зошто кога се избираат судии не престануваат да работат извршната и законодавната власт? Исто е, нема мешање. Нашата работа е таква – носиме одговорни одлуки и треба да постапуваме по Устав и закон“, нагласи таа.

Весна Дамева, пак, предупреди дека ставањето на постапките во мирување може да ја доведе во прашање независноста на судството. Таа истакна дека Уставот ја гарантира самостојноста на судската власт и дека „не може со закон да се дерогира уставна одредба“.

„Член 8а од Изборниот законик секој го толкува како што му одговара, но мене ме штити Уставот и законот“, рече Дамева.

Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, иако се согласи со дел од овие аргументи, посочи дека мора да се има предвид политичкиот контекст и изборната чувствителност.

„Ние како судии живееме во оваа држава и не можеме да функционираме во изолиран меур. Демократијата и политичката култура кај нас сè уште не се на тоа ниво да нема последици од нашето работење во изборен период“, изјави Камбовски.

Тој потсети дека веќе повеќе од една деценија Судскиот совет практикува да ги замрзне постапките за време на избори и додаде дека промените може да се разгледуваат дури кога општеството и политичарите ќе бидат подготвени за тоа.

„Во овој момент сметам дека треба да останеме на заклучоците што Судскиот совет ги донесе во минатото“, заклучи Камбовски.

Со оваа одлука, Судскиот совет и овојпат ќе ја стави во мирување својата работа за време на изборната кампања и до завршување на локалните избори, иако дел од членовите побараа поинаков пристап за зајакнување на независноста и ефикасноста на судството.





Slobodenpecat

Read Previous

Девизините резерви во август зголемени за 84.5 милиони евра во однос на јули