
Со 5 гласа за и 1 против Државната изборна комисија го усвои Упатството за пополнување образец на листи за кандидати за членови на совети на општините и на Град Скопје. Единствено против ова упатство беше Дитмире Шеху членка од редовите на ДУИ, која смета дека тоа не може да биде донесено врз основа на одлука на Владата со што во предвид се земаат само резидентните жители, а не и иселениците, поради кое се намалува бројот на советници во 14 општини. Шеху најави дека ова упатство ќе го оспори пред Управниот суд.
„Сега мене ми е малку чудно од каде секторот за правни работи на ДИК , зборот „жител„ го потенцира, и ми кажува мене тука дека е во согласност со законот со законот, каде основата за одредување на бројот на советници е „резидент„, и зборот „жител„ во законот за Локална Самоуправа подразбира жителите резидентни“, изјави Шеху.
Претседателот на ДИК Борис Кондарко рече дека тие немаат ингеренции да навлегуваат во содржината на одлуката на Владата и немаат друга законска можност освен да постапуваат по неа.
„Не можеме ние да навлегуваме во Законот за попис во дефиниција на термините жител, резидент и така натаму, така што за сето тоа немаме никакво право да го толкуваме како Државната изборна комисија. За нас е релевантно дека, одлуката, каква е – таква е, таа е легитимна односно е во важност и е во правна сила и ние немаме друг акт и друго законско овластување врз основа на кое би постапувале при определувањето на бројот на советници во општините.“, рече Кондарко.
Инаку, ваквата одлука на Владата произлезе од пописот на население кое покажа намалување на бројот на жители, поради што согласно Законот за локална самоуправа беше донесена одлука за намалување на бројот на советниците во одредени општини каде се покажа дека е тоа потребно.
ТV21