
По двегодишен прекин, повторно се воведуваат испитите за вработување во градинките. Поради нефункционален електронски систем за полагање, голем број кандидати не можеа да го полагаат испитот, што предизвика застој токму кога имаше најголема потреба од кадар во градинките. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, изјави дека со законски измени е овозможено професионалниот испит да се одвива во писмена форма за воспитувачи и негуватели во јавните градинки.
„Сакам да ве информирам дека конечно го деблокиравме процесот на полагање на професионалните испити за издавање лиценци за работа во градинки, процес кој беше заглавен од 2023 година. Работните лиценци за воспитувачи, негуватели, стручни работници, соработници и директори се неопходен предуслов за вработување во градинките“, порача Фатмир Лимани.
За да се надмине овој проблем, направени се измени во Законот за заштита на децата, со кои се овозможува професионалниот испит да се полага писмено до 1 јануари 2026 година. По овој рок, процесот на лиценцирање ќе продолжи во електронска форма, изјави Лимани.
„Денеска испит ќе полагаат околу 350 лица, а до крајот на месецов уште 350 кандидати ќе имаат можност да го завршат овој важен процес и да ја добијат соодветната работна лиценца. Сакам да потенцирам дека сите поднесени барања за добивање лиценца се детално разгледани и секој апликант ќе биде контактиран од комисијата“, вели Фатмир Лимани.
Во последните години е забележан сериозен недостиг на воспитувачи и негуватели на државно ниво. Во многу градинки недостигот придонесе за пренатрупаност на групите со деца. Во други случаи, листите на чекање се долги, па некои деца го дочекуваат времето за во училиште, а сè уште не им е дадена можност да се запишат во градинка.
TV21