
Денеска се обраќам кон вас со длабоко разочарување, но и со непоколеблива решителност да продолжам да се борам за правдата и еднаквоста во нашето општество.
На 9 јули оваа година, Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука што ја означувам како една од најпроблематичните во современата историја на нашето судство. Судот го отфрли барањето за заштита од системската дискриминација на турската заедница, барање што го поднесе Народниот правобранител по моја иницијатива.
Дозволете ми да ви ги објаснам фактите кои довеле до оваа ситуација.
Јас, како пратеник во ова Собрание, се обратив до Народниот правобранител со иницијатива за заштита на правата на турската заедница поради очигледна системска дискриминација во извршната власт. Бројките се неспорни: турската заедница, која сочинува 3,86% од населението и е трета по големина етничка заедница во државата, е целосно исклучена од сите 64 највисоки позиции во извршната власт.
Истовремено, помалките етнички заедници со вкупна застапеност од само 3,83% од населението имаат пет високи функции во владата – потпретседател на влада, министер, двајца заменици министри и еден државен секретар.
Народниот правобранител ја прифати мојата иницијатива и поднесе барање до Уставниот суд за заштита на правата загарантирани со член 110 алинеја 3 од Уставот. Но Судот, наместо да ја разгледа суштината на овој очигледен случај на дискриминација, одлучи да се скрие зад формалистички толкувања и да го отфрли барањето.
Уставниот суд тврди дека не е надлежен за “групна заштита” на правата, туку само за индивидуална заштита. Ова е фундаментална грешка која покажува длабоко неразбирање на природата на дискриминацијата.
Како може забраната на дискриминација врз основа на “национална припадност” – која е експлицитно наведена во член 110 алинеја 3 од Уставот – да се толкува само како индиви-дуално право? Националната припадност, по дефиниција, е колективна карактерис-ика. Системската дискриминација, по својата природа, засега цели заедници, не поединци.
Уште поважно, Судот целосно ги игнорираше меѓународните стандарди и пракса на Европскиот суд за човекови права. Случаи како “Сејдиќ и Финци против Босна и Херцеговина” и “D.H. и други против Чешка” јасно покажуваат дека системското исклучување на етничките заедници е неприфатлива форма на дискриминација.
Но најопасното од сè е тоа што Уставниот суд создаде правна празнина во нашиот систем. Ако Уставниот суд не е надлежен за заштита од системска дискриминација, а Народниот правобранител има само декларативни овластувања, тогаш кој ги заштитува правата на заедниците од системска дискриминација? Одговорот е тажен – никој.
Ова не е само проблем на турската заедница. Ова е проблем на нашата демократија. Ова е проблем на правната држава. Кога највисокиот судски орган одбива да ги заштити основните уставни права, тогаш нешто е сериозно нарушено во нашиот правен систем.
Благодарение на судијата Фатмир Скендер, кој издвои мислење против одлуката на мнозинството, имаме јасно образложение за тоа зошто оваа одлука е погрешна. Судијата Скендер правилно укажа дека Уставот зборува и во множина кога се работи за забрана на дискриминација, и дека турската заедница секогаш била конститутивен елемент на нашата државност.
Но еден судија не е доволно. Потребна е системска промена во начинот на размислување.
Почитувани новинари, сакам да бидам јасен за тоа што се случува овде. Ова не е техничко прашање на надлежности. Ова е прашање на политичка волја. Кога институциите не сакаат да се соочат со неудобните вистини, тие се скриваат зад формални толкувања.
Турската заедница живее во оваа земја повеќе од пет векови. Нашите преци учествувале во изградбата на оваа држава. Нашите деца одат во македонските училишта, студираат на македонските универзитети, работат во македонските фирми. Ние сме дел од оваа земја колку и секој друг граѓанин.
Но денеска, во 2025 година, кога зборуваме за европски вредности и владеење на правото, турската заедница е третирана како граѓани од втор ред. Ова е неприфатливо!
Денеска јавно повикувам:
Прво, повикувам ја владата да не се крие зад одлуката на Уставниот суд, туку да преземе одговорност и да воведе конкретни мерки за обезбедување правична застапеност. Политичката волја е поважна од судските одлуки кога се работи за правда. Најголемата вина за системската и продолжената дискриминација во извршната власт ја сноси претседателот на Владата, господин Христијан Мицковски, кој како лидер на извршната власт има директна одговорност за составот и политиките на институциите под негово раководење.
Второ, повикувам ги сите политички партии, граѓанските организации, правниците, интелектуалците, да се изјаснат јасно против ваквиот формалистички пристап кој ја прави дискриминацијата легална.
Трето, повикувам ги медиумите да не дозволат ова прашање да биде заборавено. Ова е тест за нашата демократија. Ова е тест за нашите вредности.
Четврто, повикувам ги меѓународните организации и партнери да го следат овој случај. Република Македонија аспирира кон европското членство, но како можеме да зборуваме за европски вредности кога третата по големина заедница е системски дискриминирана?
Сакам да бидем јасен – јас нема да се откажам од оваа борба. Ова не е борба за позиции или привилегии. Ова е борба за основните принципи на еднаквост и правда врз кои треба да се заснова секоја демократска држава.
Одлуката на Уставниот суд е разочарувачка, но не е крајна. Постојат други правни патишта, постојат други механизми, постојат други начини да се бориме за правдата.
Како некој кој девет години служел како судија и претседател на Уставниот суд, јас добро ги познавам работите во оваа институција. Знам како функционира системот, знам каде се слабите точки, знам кои се алтернативните правни патишта. Мојата судиска и правна експертиза ми овозможува да видам јасно дека оваа одлука не е само погрешна – таа е правно неутемелена и штетна по владеењето на правото.
Токму затоа, во моментов сум во фаза на детална анализа и изготвување на апликација со релевантни факти, аргументи, пресуди и меѓународни норми со која ќе се обраќам до Европскиот суд за човекови права. Мојата правна анализа покажува дека постојат солидни основи за тврдење дека се повредени фундаментални права загарантирани со Европската конвенција за човекови права.
Исто така, за оваа противуставна одлука на Уставниот суд ќе ги известам сите релевантни домашни и меѓународни субјекти – Европската комисија, Советот на Европа, ОБСЕ, Венецијанската комисија, како и сите релевантни граѓански организации кои работат на заштита на човековите права и правата на малцинствата.
Дополнително, денеска до Уставниот суд поднесувам иницијатива за иницирање и усвојување на посебен извештај согласно член 13 од Актот на Уставниот суд на Република Македонија, со цел да се адресира оваа сериозна ситуација и да се обезбедат механизми за заштита од системската дискриминација.
Историјата нè учи дека правдата понекогаш доаѓа бавно, но доаѓа сигурно. Јас верувам дека и овој пат правдата ќе победи.
Но за тоа е потребна поддршка од сите вас. Од медиумите кои ќе го следат случајот. От граѓаните кои ќе бараат одговори. Од политичарите кои ќе покажат храброст да го направат она што е правилно.
Турската заедница заслужува подобро. Нашите деца заслужуваат да растат во земја каде што секој има еднакви можности. Нашата држава заслужува да биде вистински демократска и инклузивна.
Затоа јас продолжувам да се борам. И ве повикувам и вас да се приклучите во оваа борба за правда, еднаквост и достоинство.
Благодарам ви за вашето внимание.