August 6, 2025

Охридско Езеро меѓу петте најубави езера во Европа

Престижниот магазин National Geographic го вброи Охридското Езеро меѓу петте највпечатливи европски езера кои треба да се посетат ова лето, во текстот насловен „Зошто треба да ги посетите овие 5 европски езера“.

„Европските езера се толку убави летно време, што воопшто нема да ви недостасува морето“, наведува магазинот во воведот, потенцирајќи ја магијата на езерскиот туризам преку историја, култура, храна, плажи и недопрената природа.

Охридското Езеро го опишуваат како „едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа“, со смарагдно-зелени и сини нијанси, сместено помеѓу планините на Северна Македонија и источна Албанија.

„Ако не сте слушнале за Охридското Езеро, светско наследство на УНЕСКО, не сте единствени – но пропуштате нешто навистина вредно“, пишува National Geographic, опишувајќи го езерото како скриен бисер кој нуди совршен летен одмор.

Во текстот е нагласено дека летните месеци нудат капење во бистрата вода, пикник на плажите Потпеш и Лабино, како и „залак во ресторани на брегот со рибна чорба од пастрмка, лимон и лук, сервирана со македонски вина“.

Градот Охрид е претставен како идеално место за прошетка, со дрвени патеки крај езерото, карпести плажи, калдрмисани улички што водат кон стари православни цркви и тврдина.

„Охрид е примамливо место за почеток на кружна авантура околу езерото, со стрмен, камен стар град и зајдисонца во розово-виолетови тонови што ја допираат душата“, се вели во текстот.

Од културните знаменитости посебно се издвојуваат манастирот Свети Наум, „домед, во византиски стил, полн со фрески, поставен високо на карпа“, и праисториското село во Заливот на Коските.

Во ова друштво на прекрасни езерски дестинации, покрај Охридското Езеро, се најдоа и Lake Peruča (Хрватска), Lake Bohinj (Словенија), Great Lake of Alqueva (Португалија) и Lake Constance (Германија).

Skopjeinfo

Read Previous

Започна обуката на кандидатите за пожарникари