August 2, 2025

Николоски очекува во скоро да има објава на нови субвенционирани авиолинии, овој пат претежно преку Охридскиот аеродром

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски очекува за брзо време да има објава на нови авиолинии со субвенции од државата, а се преговара претежно за поврзувања преку Охридскиот аеродром.

„Вчера објавивме пет нови дестинации од коишто ќе се лета од Скопскиот аеродорм, вкупно 16 откако е избрана оваа Влада, за брзо време очекувајте и нови“, изјави Николоски, по доделувањето уверенија за кандидати за обука на пилоти со кофинансирање од државата.

Со „Визер“ од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн, а како што соопшти денеска ТАВ Македонија се воведува и претходно најавената линија до Ларнака, Кипар.

Билетите се веќе во продажба на веб-страницата на „Визер“ за Стокхолм, Бари и Мадрид со по 3 неделни летови, Прага и Ларнака со по 2 лета неделно. Летовите до овие нови авиолинии ќе стартуваат со почетокот на зимската сезона 2025/2026, т.е. крајот на октомври, почетокот на ноември и декември.

Од објавените пет нови дестинации, како што потенцираше Николоски, четири се сосема нови.

„Порано се викало Сткохолм, а тоа било 100 и нешто километри од Стокхолм, сега зборуваме за главниот аеродром во Стокхолм, Мадрид исто така е главниот аеродром, Бари, исто така, Клен се оперирало и сега се враќа и Прага е исто така главниот аеродром. Тоа е многу голема разлика отколку аеродроми кои се ословуваат со главниот град или градот кој е поголем центар, но за жал не се такви. Нашата цел е да одиме на аеродроми коишто се најблиску до дестинациите каде што се лета и ќе продолжиме во следнит период. Очекувам за брзо време да имаме објава на нови дестинации“, изјави Николоски.

За новите авиолинии, посочи дека нема промени во начинот на субвенционирањето,  односно ќе се исплаќаат по патник во доаѓање, а не во заминување,  девет евра на Скопскиот аеродром и 12 евра за Охридскиот аеродром.

„Кога бевме избрани лани ја согледавме состојбата. Секоја година со ред имаше пад на авосообраќајот помеѓу 20 и 25 проценти, зборувам за периодот после корона кризата. Но, после корона кризата, кога другите аеродроми во регионот почнаа да растат и имаше еден бум на тие аеродорми, скопскиот и охридскиот продолжија да тонат. Така што, решивме да направиме нешто. Првиот потег беше да се промени политиката на субвенционирање, вториот беше да даваат субвенции за патници коишто доаѓаат во Македонија, а не патници коишто заминуваат од Македонија“, изјави Николоски.

Тој укажа и дека се повеќе се ангажира македонски персонал, посочувајќи дека нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ има над 200 вработени во Македонија, како што рече, колку една фабрика од средна категорија.

„Секако таа бројка може да расте и ќе расте доколку и имаме соодветен потенцијал и капацитет“, наведе Нколоски.





Skopjeinfo

Read Previous

Со Халкбанк добивате повеќе: Бесплатни услуги, паметни пакети и премиум искуства