
Скопје повторно ќе се поврзе со Келн по воздушен пат. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека во наредните месеци се воведуваат пет нови авиолинии.Па така, од Меѓународниот аеродром Скопје од ноември ќе има летови до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн.
„Утрово потпишавме Договор за пет нови дестинации кои што ќе се оперираат од скопскиот аеродром. Пет нови авиолетови кои ќе значат повеќе туристи во Македонија, повеќе бизнис во Македонија и повеќе можности за сите граѓани на Македонија. Веќе од месец ноември почнува редовна авионска линија Стокхолм – Скопје. Исто така, веќе од месец ноември почнува редовна авионска линија Мадрид – Скопје, а од декември почнува редовна авионска линија Бари – Скопје, Келн – Скопје и редовна авионска линија Прага – Скопје“, вели Николоски.
Со тоа, вели вицепремиерот, за само за една година се реализирани 16 нови авиолинии.
„Само во првата половина од оваа година од скопскиот и охридскиот аеродром вкупно се превезени 1, 5 милион патници што е зголемување за 5 отсто од скопскиот аеродром и 11 отсто на охридскиот аеродром. Во следниот период ќе има уште добри вести, најавувам дека ќе има уште нови авиолинии“, порача Николоски.
Унгарската нискобуџетна авио-компанија „Визер“ во ноември минатата година укина три авиолинии од Скопскиот аеродром – за Келн, Копенхаген и Стокхолм. Причина за тоа беа високите цени за услуги и давачки што ги воведе аеродромот Келн-Бон. За да се надомести интересот за тој дел од Германија, компанијата најави дека ќе ги зголеми фреквенциите од Скопје за Дортмунд.
Зголемен број туристи од Франција, Германија и Велика Британија
Според Министерството за култура и туризам, коешто се повикува на податоците за првите пет месеци од 2025 во однос на истиот период лани, зголемен е интересот на странските туристи од Франција, Германија и Велика Британија за посета на Македонија.
„Забележан е пораст од 23,6 отсто кај странските туристи и раст од 18,7 отсто кај остварените ноќевања. Во првите пет месеци од 2025 година, туристичкиот промет во Македонија бележи значително зголемување во однос на истиот период во 2024 година“, велат од Министерството.
Посебно се издвојува Германија со раст од 219 проценти во бројот на туристи и 146 проценти во ноќевања, што укажува на видно зголемен интерес на германските туристи за посета на Македонија. Франција бележи највисок пораст со 398 проценти повеќе туристи и 303 проценти повеќе ноќевања, со што се позиционира како нова стратешка цел на туристичките политики. Велика Британија забележува значително зголемување од 204 отсто во бројот на туристи и 139 отсто во ноќевањата. Турција, која беше водечки пазар во 2024 година, продолжува со стабилен раст од 11 отсто во бројот на туристи и 21 отсто во ноќевањата, задржувајќи ја својата прва позиција според вкупниот број на туристи и ноќевања.
DW