
Земјотрес со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погоди регионот кај рускиот полуостров Камчатка денес, поради што се издадени предупредувања за цунами низ целиот Пацифички Океан, соопшти Американската геолошка служба (USGS).
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 20,7 километри, а 119 километри источно-југоисточно од Петропавловск-Камчатски, соопшти Министерството.
Руската академија на науките информира дека ова е најсилниот земјотрес што го погодил регионот од 1952 година.
Бидејќи земјотресот бил плиток и мошне моќен, потенцијално може да предизвика големи бранови или цунами.
Гувернерот на Камчатка, Владимир Солодов, на Телеграм изјави дека земјотресот „бил сериозен и најсилен во последните децении“.
Регионалниот министер за здравство, Олег Мелников, за руската државна агенција ТАСС изјави дека неколку лица се повредени во земјотресот.
ТАСС дополнително објави дека околу 2.700 лица биле евакуирани на безбедни локации на Курилските Острови.
„Сите пациенти се во задоволителна состојба. Засега нема пријавени сериозни повреди“, изјави Мелников.
По издаденото предупредување за цунами, наредена е евакуација на малото гратче Северо-Курилск во регионот Сахалин.
Според руското Министерство за вонредни ситуации, цунами-брановите поплавиле делови од Северо-Курилск.
По земјотресот во Северо-Курилск е прогласена вонредна состојба, објави ТАСС.
– Предупредувања за цунами во Хаваи и Калифорнија
Американскиот систем за предупредување од цунами издаде предупредувања за потенцијално опасни бранови покрај бреговите на Русија, Јапонија, Алјаска и Хаваи.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е издадено предупредување за цунами за државата Хаваи поради „огромен земјотрес“ во Пацификот.
Одделот за вонредни ситуации на Хонолулу повика на евакуација на некои крајбрежни области на Хаваи, наведувајќи: „Преземете акција! Се очекуваат деструктивни цунами-бранови“.
Националната метеоролошка служба за областа Сан Франциско издаде предупредување за цунами за калифорнискиот брег:
„Држете се подалеку од вода, плажи и водни патишта додека не добиете дозвола од локалните власти“.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, потврди дека е издадено предупредување за северниот брег од Калифорнија, од Кејп Мендосино до границата со Орегон.
Њусом рече дека неговата канцеларија е во координација со локалните официјални претставници.
„Останете будни и следете ги инструкциите од службите за итни случаи“, порача тој.
Американската крајбрежна стража издаде наредба сите трговски бродови да ги напуштат комерцијалните пристаништа на Хаваи.
„Сите пристаништа се затворени за влез на бродови“, соопштија на Х.
Гувернерот на Хаваи, Џош Грин, изјави дека се очекува „значаен бран“ по земјотресот:
„Сите мора да останат внимателни и подготвени“, рече тој на прес-конференција.
– Јапонија и Индонезија исто така издадоа предупредувања за цунами
Јапонија и Индонезија, исто така, издадоа предупредувања за цунами по силниот земјотрес, што доведе до итни повици за крајбрежна евакуација.
Јапонската метеоролошка агенција предупреди дека цунами-бранови до три метри може да ги погодат подрачјата од Хокаидо до Вакајама, како и островите Огавасара, објави новинската агенција Кјодо.
Бран од 30 сантиметри веќе е забележан во Немуро, источен Хокаидо.
Главниот секретар на јапонската Влада, Јошимаса Хајаши, повика на итна евакуација кон повисоките места, а железничкиот сообраќај во некои области е привремено запрен.
Индонезиските власти, исто така, издадоа предупредување за цунами, советувајќи ги жителите близу брегот да се повлечат на повисоки терени.
Индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика соопшти дека земјотресот имал потенцијал да предизвика цунами во неколку региони на земјата со статус на тревога или висина на брановите помала од 0,5 метри, според државната новинска агенција Антара.