July 31, 2025

Северна Македонија ќе отвори генерален конзулат во Корча

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека Владата на денешната седница донела одлука за отворање Генерален конзулат во Корча, Република Албанија.

„Грижата за Македонците во Албанија не ја покажуваме со зборови, туку со конкретни дела. Македонците од Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора се предалеку од Тирана – време е да им се доближиме“, истакна министерот Муцунски попладнево преку видео на социјалните мрежи.

Тој појасни дека со оваа одлука, македонските државјани кои живеат во овие области ќе добијат побрз и полесен пристап до конзуларни услуги, како и поддршка за културни, образовни и економски врски.

„Целиме кон посилна грижа за интересите на нашите граѓани. Брз, достапен и квалитетен сервис. Ова се конкретни чекори, не празни зборови“, подвлече Муцунски.

Генералниот конзулат ќе има јурисдикција врз подрачјата Корча, Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора, и ќе работи во целосна координација со Амбасадата во Тирана. Неговите клучни надлежности ќе опфаќаат обезбедување конзуларни услуги, економска и културна промоција, како и унапредување на билатералната соработка во поширокиот регион, се вели во соопштение од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Read Previous

Чешкиот „Блек Хок“ и словенечкиот конвој ќе дејствуваат на пожарот на планината Готен од беровска страна

Read Next

Силен земјотрес од 8,8 степени го потресе рускиот полуостров Камчатка