September 13, 2025

МОН објави јавни повици за кариерен развој на наставниците и стручните соработници

Министерството за образование и наука објави два јавни повици за кариерен развој на наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта.

За прв пат наставниците-ментори во основните училишта можат да напредуваат во наставници-советници, а за наставниците во средните училишта се воведува можност да стекнат звање наставник-ментор. Кариерен развој за прв пат ќе имаат и стручните соработници во основните и средните училишта. Продолжува и процесот на унапредување на наставниците од основното образование во наставници-ментори.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека кариерниот развој не е важен само за наставниците, туку директно влијае на квалитетот на воспитно-образовниот процес.

„Го деблокираме процесот на кариерен развој. Сакаме наставниците да вложуваат во квалитетно образование на младите, затоа како Влада и Министерство отвораме можности тие да напредуваат преку валоризирање на трудот, искуството и резултатите. Младите наставници треба да имаат поддршка од поискусните колеги-ментори а нам, како креатори на политики, значаен ни е придонесот на наставниците-советници“, објасни Јаневска и ги повика наставниците да се вклучат во процесот на кариерен развој.

Во двата јавни повика, објавени на веб-страната на Министерството за образование и наука, наведени се бројот на наставници и стручни соработници кои може да се стекнат со звања, по општина и училишта. Барањата за напредување во звања, наставниците и стручните соработници можат да ги достават најдоцна до 23.9.2025 година.






ZOOM

Read Previous

Граѓаните кои поседуваат легално оружје од сега ќе можат да набавуваат муниција директно во овластените правни субјекти

Read Next

Чешкиот „Блек Хок“ и словенечкиот конвој ќе дејствуваат на пожарот на планината Готен од беровска страна