July 25, 2025

Албанија ќе го отвори последното поглавје од преговорите за членство во ЕУ

Албанскиот премиер Еди Рама потврди дека данското претседателство со ЕУ добило овластување да ја покани Албанија да ја презентира својата преговарачка позиција во врска со последните поглавја.

„Албанија не запира“ – изјави албанскиот премиер по одлуката на амбасадорите на 27-те земји од Европската Унија да се отвори последното поглавјe од преговорите со Албанија, што ги вклучува земјоделството и кохезијата, пренесува албанскиот портал Газета експрес.

„Денеска, на 23 јули 2025 година, по континуираниот и динамичен напредок на Албанија на патот на преговорите за членство во Европската Унија, Комитетот на постојани претставници на земјите-членки на Европската Унија го овласти данското претседателство да ја покани Албанија да ја презентира својата преговарачка позиција за преговорите во врска со поглавјата што ја сочинуваат Групата поглавја 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“, напиша Рама на Фејсбук.

Се огласи и претседателката на албанскиот парламент Елиса Спиропали, која рече дека Собранието ќе продолжи максимално да ја поддржува презентацијата на преговарачката позиција и напорите, продонесите и инвестициите за одржлив рурален развој, модернизацијата на земјоделството и социјалната и територијална кохезија на Албанија.

Се очекува шестата меѓувладина конференција да се одржи на почетокот на септември за да се означи последниот официјален чекор за отворање на сите поглавја со цел полноправно членство на Албанија во 2030 година.Рама досега неколку пати изјави дека Албанија има за цел да ги заврши преговорите до 2027 година и полноправно членство во ЕУ до 2030 година.

Албанија во 2009 година поднесе барање за влез во Европската Унија, а првата меѓувладина конференција за пристапни преговори се одржа во 2022 година. Досега напредокот на Албанија на патот кон ЕУ беше поврзан со напредокот на Северна Македонија.

Одлуката Албанија да почне преговори за членство во ЕУ по кластери во септември 2024 година ја донесе Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ, со што земјата се одвои во патот кон ЕУ од С Македонија






Libertas

Read Previous

Седум активни пожари во Македонија

Read Next

Од недела дожд и пад на температурите