July 18, 2025

 МВР формира нова Единица за сајбер безбедност

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на промоцијата на новоформираната специјализирана Единица за сајбер безбедност на Министерството за внатрешни работи.

„Во време на брза дигитализација и се поопасни и пософистицирани сајбер закани, Министерството за внатрешни работи презема стратешки и решителен чекор, за првпат во своето постоење, формира специјализирана Единица за сајбер безбедност. Оваа единица ќе биде клучен столб во одбраната на дигиталниот суверенитет на МВР како институција која управува со најголемиот и најсензитивниот обем на лични податоци на граѓаните на државата. Безбедноста на овие системи е прашање не само на институционален капацитет, туку и на државна стабилност и доверба на граѓаните. Сите активности на новоформираната единица се насочени кон унапредување на безбедноста и отпорноста на внатрешната ИТ-инфраструктура на самото Министерство, со фокус исклучиво на заштита на неговите информациски системи. За првпат, Министерството набави современа техничка и софтверска опрема за проактивно следење, детекција и превенција на сајбер напади, со што поставува темели на системска и долгорочна заштита.“, потенцираше министерот Тошковски.

Тој информираше дека новата Единица за сајбер безбедност ќe биде одговорна за сеопфатна заштита и мониторинг на информациските системи на МВР, ќе врши постојана анализа и навремено детектираее на сајбер закани, ќе врши инсталација, одржување и менаџмент на безбедноста на ИТ инфраструктурата на министерството.

Со оваа иницијатива, МВР поставува нов стандард во сајбер одбраната кој подразбира модерен, одржлив и цврст безбедносен штит кој одговара на предизвиците на денешницата и обезбедува доверба кај јавноста дека податоците на граѓаните се под највисока заштита, порачаа од МВР. 

Исто така денеска министерот Тошковски заедно со деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р Боро Јакимовски, потпишаа меморандум за соработка помеѓу Министерството и Факултетот. Целта е размена на знаења, искуства и едукација, како и унапредување и доусовршување на кадарот во областите каде што двете институции имаат заеднички интереси.

Ваквата соработка претставува уште еден чекор кон јакнење на техничките и човечките капацитети на МВР и поддршка на дигиталната трансформација на институцијата, со крајна цел – подобри и побрзи услуги за граѓаните, потенцираат од министерството. 






Skopjeinfo

Read Previous

Скопјанка измамена за 1.300.000 денари, и се јавил „лекар“ од Градска болница

Read Next

Подршка од Турција за Македонската армија, набавени артилериски системи и опрема согласно НАТО стандардите