
И оваа година за безбедноста на туристите на Охридското Езеро ќе се грижат обучените спасителски екипи на Црвениот крст Охрид. Претседателот на Црвениот крст Охрид, Сашо Тоцков, истакна дека оваа година има поголем интерес од концесионерите за ангажирање на спасители на плажите. Сепак, додава дека сè уште постојат нејаснотии и недоволна координација меѓу државата, локалната самоуправа и концесионерите.
„Морам да напоменам дека сè уште не е целосно уреден односот помеѓу државата, локалната власт и концесионерите. Не беше јасно кои делови од брегот се дадени под концесија, дали може да се управува со нив и во многу случаи се поставуваат лежалки без никаква дозвола и без основни услови за заштита на капачите, спортот или рекреативните активности. Сметам дека постепено ќе се воведе ред и во овој сегмент.“, порача Сашо Тоцков.
Црвениот крст Охрид оценува дека сè уште има многу работа за да се постигне максимална безбедност во овие туристички зони, не само за време на летната сезона, туку и преку целата година.
„Безбедноста мора да се подигне на највисоко ниво и се надеваме дека во иднина, Црвениот крст Охрид ќе може да обезбеди и амбулантен брод кој би служел преку целата година. Овој брод би бил во функција на граѓаните, како за итни случаи од Струга до Кардиологија, така и од Охрид до Ортопедија при ‘Свети Еразмо’. Тоа е една од нашите долгорочни цели.“, вели Сашо Тоцков.
Во време кога туризмот во Охрид и Струга забрзано се развива, безбедноста на водите останува приоритет. Тоцков додаде дека напорите на Црвениот крст и институционалната соработка се клучни за обезбедување не само мирен одмор, туку и спасени животи.
TV21