July 5, 2025

Укинат притворот за Додик по сослушувањето во Обвинителството на БиХ во Сараево

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, вчера доброволно се појавил во Обвинителството на Босна и Херцеговина, во придружба на неговиот адвокат, на сослушување како осомничен во врска со истрагата за сомневањата дека сторил кривично дело напад врз уставниот поредок, се вели во заедничкото соопштение на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина.

„Истиот ден, постапувајќи по предлог на Обвинителството на Босна и Херцеговина, тој беше изведен пред Судот на БиХ. Беше одржано рочиште на кое Судот донесе одлука со која го прифати предлогот на Обвинителството на БиХ и му го прекина притворот на осомничениот Милорад Додик, со оглед на тоа што беше утврдено дека причините поради кои претходно му беше изречена мерка повеќе не постојат“,се додава во соопштението кое го пренесува сараевскиот медиум вијести.ба.

Во исто време, се додава во соопштението, изречена била и мерка задолжително периодично пријавување кај државен орган.

„Мерките на забрана изречени согласно оваа одлука можат да траат додека има потреба од нив или до поинаква одлука на Судот. Образложението за времетраењето на изречените мерки за забрана ќе се разгледува по истекот на секои два месеци. Осомничениот бил посебно предупреден дека може да биде приведен доколку ги прекрши обврските според одредени мерки за забрана“,се додава во соопштението.

По ваквата одлука, Додик се огласи на неговиот профил на платформата Икс каде постави видео на кое се гледа како слави со пријатели. Во описот на видеото Додик пишува дека секогаш е вистинско време да се запее со пријателите.

На 12 март Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) издаде наредба за приведување на претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, премиерот на РС, Радован Вишковиќ, како и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, на сослушување.

Додик, Вишковиќ и Стевандиќ треба да бидат приведени од правосудната полиција со помош на која било полициска агенција. Обвинителството ги товари за сторено кривично дело нарушување на уставниот поредок.

Додик не се јави на претходните покани од Обвинителството на БиХ на распит, поради што беше распишана потерница и беше одреден еден месец притвор.

Освен Додик, Обвинителството на БиХ води истрага и против претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ и премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ, по кои е издадена потерница и одреден е притвор. Тие сè уште имаат статус на бегалци од правдата.






360Stepeni

Read Previous

Активни четири пожари: Гори во Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес