June 18, 2025

Северна Македонија евакуираше 8 свои граѓани од Израел

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија информираше дека првата група македонски државјани кои побараа евакуација од територијата на Израел, синоќа безбедно се пристигнати на скопскиот аеродром.

Министерството соопшти дека станува збор за осум лица – четири деца и четири возрасни – кои, како дел од поголем организиран транспорт, ја напуштиле територијата на Израел упатувајќи се кон Египет, од каде со авион на Владата се транспортирани до Скопје.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информирајќи преку социјалните мрежи за успешно завршената евакуација, истакна дека со оваа операција земјата се вбројува меѓу првите во Европа кои организирале безбедно враќање на свои државјани од зоната на конфликт на Блискиот Исток.

Министерството додаде дека преку дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, останува во континуирана комуникација со останатите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел.

Инаку, до понеделникот вкупно 28 македонски државјани се пријавија за евакуација од Израел по ескалацијата на безбедносната состојба, од кои 8 се евакуирани, а втората група, според најавеното, се очекува да го напушти Израел по воспоставувањето редовен авионски сообраќај од Тел Авив.

Read Previous

Со различни сесии продолжува вториот ден од Македонскиот енергетски форум

Read Next

Србинка пронајдена мртва на плажа во Грција