
Европската Унија има воспоставено стандарди за интелектуална сопственост кои го поттикнуваат иновацискиот, креативниот и економскиот развој, а Босна и Херцеговина направи чекор напред кон усогласување со тие стандарди, изјави синоќа шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Луиџи Сорека.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Сорека информира дека Советот на министри на Босна вчера усвоил шест закони за интелектуална сопственост, изготвени со финансиска поддршка од ЕУ.
„И покрај длабоката политичка и уставна криза во Босна, оваа одлука покажува дека законите може да се донесат кога постои политичка волја“, напиша Сорека.
Тој го повика Парламентот на Босна да го поддржи пакетот закони за интелектуална сопственост. „Босна и Херцеговина сè уште не ги исполнила потребните услови за отворање на преговорите за членство, ниту го прифати реформскиот дневен ред што би ѝ овозможил да добие милијарда евра за спроведување на реформите во рамки на Планот за раст. Сега е моментот да се преземат сите чекори во корист на граѓаните“, нагласи Сорека.
Босна и Херцеговина доби кандидатски статус за членство во ЕУ во 2022 година, а во 2024 година официјално ги започна преговорите за пристапување.
Vecer