June 16, 2025

Сиљановска-Давкова во работна посета на Тирана

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Тирана, Албанија каде што ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Таа ќе се обрати на пленарната сесија на тема: „Поттикнување на стабилноста и просперитетот преку регионална соработка и интеграција во ЕУ“, како и на заедничката прес-конференција со албанскиот и со бугарскиот претседател, Бајрам Бегај и Румен Радев, во својство на претседатели на државите коишто се претходен, актуелен и иден претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Домаќин на Самитот е албанскиот претседател Бајрам Бегај. Покрај македонската претседателка Сиљановска-Давкова, предвидено е да учествуваат: претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар; претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ; претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу; претседавачката со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ; претседателот на Бугарија, Румен Радев; претседателот на Владата на Србија, Ѓуро Мацут, како и заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Молдавија, Михаи Попсои.

На Самитот ќе учествуваат и министрите за надворешни работи: на Турција, Хакан Фидан, на Грција, Јоргос Герапетритис; на Романија, Емилиан Хоратиу Хурезеану; државниот секретар во Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, Фрањо Матушиќ; генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Амер Капетановиќ и шефот на делегацијата на ЕУ во Тирана, Силвио Гонзато.

Во рамки на работната посета на Албанија, Сиљановска-Давкова во Тирана ќе оствари средба со претставници на македонското национално малцинство во Албанија, на Македонската алијанса за европска интеграција, на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, како и со македонски дипломати и професори.






Skopjeinfo

Read Previous

7.800 денари за возење од Центар до Средно Водно – странски државјанин измамен во Скопје

Read Next

Дојава за бомба на Факултетот за политички науки во Белград