
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, истакна дека континуираната поддршка од страна на Унгарија за европските аспирации на Северна Македонија е битна.
Муцунски се сретна со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, во главниот град на Северна Македонија, Скопје.
По билатералната средба на двајцата министри беше одржана прес-конференција.
Муцунски рече дека на денешната средба разговарале за натамошното продлабочување на политичките и економските односи, како и за континуираната поддршка од страна на Унгарија за европските аспирации на Северна Македонија.
„Унгарија останува еден од најгласните и најпосветените поддржувачи на европската перспектива на целиот регион. Тоа се докажа за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ. Искрено сме благодарни за таа принципиелна и искрена поддршка, особено во контекст на нашите очекувања за напредок во процесот на пристапување кон ЕУ“, наведува Муцунски.
Муцунски потсети дека Унгарија е меѓу првите десет најголеми трговски партнери на земјава и еден од водечките странски инвеститори, што, како што рече, претставува повеќе од цврста основа за натамошното економско поврзување.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Сијарто, пак, од своја страна изјави дека неговата земја силно ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан, особено во контекст на актуелните безбедносни и економски предизвици во Европа.
„Живееме во време на опасности – вооружени конфликти и војни во и околу ЕУ. Сите овие предизвици ја зголемуваат потребата за проширување на Европската Унија во правецот на Западен Балкан“, рече Сијарто на прес-конференцијата во Скопје.
Тој истакна дека членството на земјите од Западен Балкан ќе донесе стабилност и економски придобивки за самата ЕУ и дека Унгарија го смета за неприфатливо тоа што некои земји сакаат брз прием, додека членството на многу поразвиените и поподготвени држави постојано се попречува и отежнува.
„Унгарија ја дава сета поддршка за државите од Западен Балкан што побрзо да се зачленат во ЕУ. Северна Македонија апсолутно ја поддржуваме во тоа и работиме на тоа содржинските преговори со Северна Македонија да започнат што побрзо“, изјави Сијарто.
Муцунски и Сијарто денеска потпишале и Договор за стратешка соработка меѓу двете влади и Меморандум за разбирање и имплементација на програмата „Стипендиум хунгарикум“ за периодот 2026 – 2028 година.