June 14, 2025

Сиљановска Давкова спремна за разговор со бугарскиот премиер на Самитот во Хаг

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека иако обично средбите се одржуваат со хомолозите, нема пречка да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг. Ова е поради потврдената информација дека бугарскиот претседател Румен Радев нема да присуствува.

„Разговорот за евентуална средба се водеше со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој предложи средба со Жељазков. Јас сум спремна да разговарам и со Радев, но ако тој не е таму, тогаш не е проблем да се разговара со Жељазков,“ изјави Давкова пред учество на Меѓународната книжевна манифестација „Празник на липите“.

Средбата сè уште не е официјално потврдена, а потврдата се очекува од Европскиот совет. Претседателката потенцира дека е неопходна европска креативност за напредок во деблокирањето на евроинтеграциите.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера информираше дека нема да присуствува на Самитот, но ја поддржува средбата на претседателката со бугарскиот премиер. Тој потенцира дека таквата иницијатива треба да се прифати како знак на проактивност и дијалог.

„Мораме да покажеме дека проблемите се резултат на стара политика и дека не треба да дозволиме таа да го спречи процесот на евроинтеграции,“ рече Мицкоски.

Во текот на изминатата недела, Мицкоски истакна дека суштината на спорот со Бугарија се историскиот наратив и политичкиот обид за ревизија на македонската нација и јазик. Тој истакна дека претходниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, ја прифатил француската рамка, но дека вистинскиот проблем останува.

Премиерот изрази скептицизам кон изјавите на бугарскиот министер за надворешни работи, кој во различни периоди давал различни ветувања околу решавањето на спорот.

На средбата со високи претставници на ЕУ, меѓу кои и Каја Калас, Мицкоски разговарал за форматот и учесниците на евентуалната билатерална средба на Самитот. Во тој контекст, на средбата ќе присуствуваат и претседателката Давкова, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и други високи европски и НАТО претставници.






TV21

Read Previous

Јаневска и Сијарто потпишаа Меморандум со кој годишно по 20 македонски студенти добиваат стипендии за студии во Унгарија

Read Next

Северна Македонија смета дека поддршката од Унгарија е значајна во процесот на пристапување кон ЕУ